Кратко резиме:
Депешата [10SKOPJE69] претставува опсежен извештај на американскиот амбасадор во Република Македонија, Филип Рикер, за трговијата со луѓе во Република Македонија. Оценката на Рикер за заложбите на Владата за борба против трговија со луѓе е позитивна.
Опсежна содржина на депешата:
Според Рикер, Владата останува доследна на борбата против трговија со луѓе, а високи владини функционери покажуваат активен интерес за оваа проблематика. Националната комисија за борба против трговијата со луѓе активно работи на превенција, казнување и заштита на жртвите. Според мислењето на амбасадорот Рикер, Македонија останува транзитна земја за шверц со емигранти. Интернационалната трговија со луѓе опаѓа, но има индикации дека Македонија е земја во која има жртви од трговијата со работна сила. Пријавен е случај со 370 емигрантски работници (пред се’ од Босна) кои станале жртви на трговијата додека работеле за српска компанија во Азербејџан, а некои од работниците биле Македонци. Македонските институции за борба против трговијата со луѓе стапиле во контакт со работниците и им понудиле помош. Сите наведени работници одбиле помош, повеќето од нив изјавиле дека не се жртви, а голем дел искажале желба повторно да се вратат во Азербејџан за работа во истата фирма. Македонските власти покажале професионалност и упорност во следењето на случајот.
Од внатрешната трговија со луѓе во периодот на извештајот се забележани случаи на сексуална експлоатација, често со знаење на членови на семејството или познаници. 157 лица биле интервјуирани од одговорните за трговија со луѓе во периодот на извештајот, и ним им е понудена помош. Повеќето од нив биле или странци во транзит кон западно -европските дестинации, или работеле како проститутки во баровите и ноќните клубови, а се откриени со полициски рации. Од нив шест биле малолетни лица, подведени под трговија од членови на семејството или од познаници. Најранливите групи за трговија со луѓе се сиромашните, необразованите, и жените од етничките заедници, особено Ромките. Оние што тргувале со нив биле најчесто мажи меѓу 20 и 50 години, типично за нив е дека не биле членови на организирани криминални групи и за првпат работеле со трговија со луѓе. Лажните бракови се идентификувани како честа тактика за прибирање жртви во трговијата со луѓе.
Многу владини функционери јавно зборуваат против трговијата со луѓе и се подготвени за активна борба против неа. Според амбасадорот Рикер, развиени се доста механизми за борба против трговијата со луѓе, а одвоен е и буџет за домашни прифатилишта на жртвите. Владата исто така константно го набљудува процесот со воведените мерки против трговијата со луѓе. Врз база на извештаите, Владата подготвила две бази на податоци: една на жртвите од трговијата со луѓе (во НРМ?), а другата за организаторите (во МВР).
Законите во Македонија забрануваат трговија со луѓе, не само за сексуална експлоатација, туку и за принудна работа, трговија со органи, порнографија, присилни бракови и нелегални усвојувања на деца. Македонската легислатива е целосно хармонизирана со Палермо Конвенцијата на Обединетите Нации од 2000-та година.
Нема случаи на вмешаност на високи лица од Владата во трговија со луѓе, ниту толерирање на трговијата со луѓе на кое било ниво. Но, има случаи на криумчарење луѓе кои се на транзит низ Македонија. На 1 јули, во координација со српските служби преку операцијата „Канис“, 13 луѓе во Македонија и еден повисоко рангиран вработен во Министерство за внатрешни работи биле уапсени и осудени за криумчарење азиски емигранти од Србија преку Македонија во Грција. На 25 август била спроведена операцијата „Бумеранг“ со која се уапсени припадници на граничната полиција и цариници за наводно земање поткуп на граничните премини: досега се покренати постапки против 57 гранични полицајци и 3 цариници, а постапки се водат против сите 60 осомничени.
Во Македонија нема идентификувано проблем на сексуален туризам што вклучува деца, ниту пак македонски граѓани се вклучени во сексуалниот туризам.
Македонија нуди формален степен на заштита на сведоците во високо рангирани случаи. Сведоците се заштитени во сигурни куќи и хотели и имаат 24-часовна полициска заштита. Македонија учествува во координациите против криумчарењето и трговијата со луѓе преку Иницијативата за Југоисточна Европа.
Македонските трупи учествуваат во ИСАФ мировната операција, но ниеден од војниците не учествувал во ниедна форма на трговија или експлоатација на жртви во трговијата со луѓе.
Македонија има прифатни центри за заштита на жртвите од трговијата со луѓе и со емигрантите. Прифатниот центар од буџетот добил 105.000 долари во 2009 година. За домашните жртви постои центар кој е заштитен од медиуми, а жртвите што ќе одбијат да живеат во прифатниот центар примат психолошка и социјална помош. Буџетот за социјална помош во 2009 бил околу 11 милиони долари. Исто така, Македонското министерство за внатрешни работи бара постојат тренинг на вработените за препознавање на потенцијалните жртви на трговијата со луѓе.